Вулкано

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Вулкано
Isola vulcano.jpg
Највисока точка
Надм. вис. 501 м
Истакнатост 501 м
Координати 38°24′15.12″ СГШ 14°57′56.88″ ИГД / 
Географија
Место Липарски острови, Италија
Геологија
Вид планина Вулкански комплекс стратовулкани
Последен избув 1888 до 1890

Вулкано (сицилиски: Vurcanu, италијански: Isola Vulcano, грчки: Hiera, латински: Vulcana)[1] е еден од Липарските Острови, североисточно од Сицилија во Тиренското Море. Површината на островот изнесува 21 км², а највисокиот врв има височина од 500 м. На островот постојат три вулкани, од кои еден е сè уште активен. Последната голема ерупција на овој вулкан била во 1888 -1900 година[2].

Вулкано и Вулканело

Историја

Римјаните го користеле островот главно за суровини, собирање дрво и за ископување алуминиум и сулфур. Ова беше главната активност на островот до крајот на 19 век.

Шкотланѓанецот Џејмс Стивенсон бил викторијански научник, пронаоѓач и истражувач кој го вовел рударството на пемза во Липари и рудникот за сулфур на Вулкано (а имал намера и да извлекува енергија од вулканот).[3] Тој во 1870 година го купил северниот дел на островот, изградил вила, повторно ги активирал ископите на локалните рудници и на островот засадил виногради од сортата малвазија со намера да произведува сортно вино[3]. Стивенсон живеел на Вулкано до последната голема ерупција на островот, во 1888 година. Ерупцијата траела скоро цели две години, во кое време Стивенсон го продал целиот свој имот на локалното население и никогаш повеќе не се вратил на островот. Вилата на Стивенсон сè уште постои на островот[3].

Географија

Поглед од кратерот на Вулкано во правец накај север, со Липари во заден план.

Вулкано се наоѓа во северниот дел на Сицилија и е најужниот остров од сите Липарски Острови. Површината на островот изнесува 21,2 км2 и го сочинува врвот на вулканот кој излегува на површина на морето и кој се издига на 499 метри надморска височина. Југот на островот се состои од висорамнина каде еден од рабовите ја формира планината Арија. Во средината има двоен кратер, седиште на вулканската активност и со многу фумароли обоени во жолто од сулфурните кристали поради испуштањето на водороден сулфид. На север на островот е Вулканело, кој е латерален вулкански конус на Вулкано и сочинува полуостров.

Брегот е стрмен, но има некои црни песочни плажи каде што се појавуваат термални сулфурни извори кои се сметаат за лековити бањи и чии температури се движат од 35 °C до 50 °C. Базени со сулфурна кал исто така служат како терапевтски бањи[4]. На целиот остров, вклучително и до кратерот, се пристапува по патеки. Патеките, меѓу другото, водат и до „Долината на чудовиштата“ каде се наоѓаат формации на исфрлените вулкански бомби.

Геологија

Фумароли на Вулкано, Сицилија (фотографија од 2015)

Вулканската активност во регионот е резултат на поместувањето на Африканската тектонска плоча која се судира со Евроазиската. Постојат три вулкански центри на островот:

  • На јужниот крај на островот се старите конуси на стратовулканите, Монте Ариа (501 м), Монте Сарацено (481 м) и Монте Лучиа (188 м) кои делумно пропаднале во купата Пиано.
  • Најновиот активен центар е кратерот Гран на врвот на конусот Фоса. Овој конус пораснал во купата Лентиа на средината на островот и имал најмалку 9 големи ерупции во последните 6000 години.
  • На север од островот е Вулканело (123 метри). Тој излегол од морето за време на ерупцијата во 183 п.н.е. како посебен остров[5]. Повремени ерупции од неговите три конуси со два пирокластични тека на течење на лава се случиле оттогаш до 1550 година.
Ерупција на Вулкано во 1890 година

Ерупции

Вулкано е неактивен после ерупцијата на конусот Фоса на 3 август 1888 до 1890 година[2], која на врвот наталожила околу 5 метри пирокластичен материјал. Стилот на ерупција виден на конусот Фоса се нарекува вулканолошка ерупција, што е експлозивно исфрлање на пирокластични фрагменти од вискозна магма. Експлозија настанува поради густината на магмата која ги спречува гасовите лесно да излезат низ вулканскиот отвор. Оваа ерупција на Вулкано во тоа време била внимателно документирана од страна на Џузепе Меркали. Меркали ерупциите ги опишал како:

"... Експлозии што звучат како топ во неправилни интервали ..."

Како резултат на тоа, вулканолошките ерупции се базираат на овој опис. Типична вулканова ерупција може да исфрли блокови од цврст материјал неколку стотици метри подалеку од отворот. Меркали објавил дека блоковите од ерупцијата во периодот 1888-1890 година паднале во морето меѓу Вулкано и Липари. Неколку такви блокови кои паднале на островот Вулкано биле фотографирани од него или од неговите помошници.

Емисиите на вулкански гас од овој вулкан се мерат со помош на повеќекомпонентен систем за анализа на гас, кој го детектира предеруптивното дегасирање на зголемувачките магми, подобрувајќи го предвидувањето на вулканската активност[6].

Поглед од кратерот на Вулкано

Митологија

Античките Грци островот го нарекувале Терасија (грчки: Θηρασία) и Термеса (грчки: Θέρμεσσα, извор на топлина). Островот се појавил во нивните митови како работилница на олимпискиот бог Хефест, заштитник на ковачите. Тој поседувал уште два вулкана, Етна и Олимп. Страбон исто така ја споменува Термеса како свето место на Хефест (грчки: ἱερὰ Ἡφαίστου), но не е јасно дали е тоа трето име за островот или само придавка.[7]

Слично и Римјаните верувале дека Вулкано е оџак на работилницата на богот Вулкан и затоа островот го нарекле по него. Тие верувале дека островот растел поради периодичното расчистување на згурата и пепелта од неговата ковачница. Земјотресите што им претходеле или ги придружувале експлозиите од пепел, сметале дека се должат на тоа дека Вулкан тогаш го изработува оружјето за да војуваат војските на богот Марс.[8]

Во популарната култура

  • Мопасан го раскажува своето качување на Вулкано во 1885 година (во времето кога вулканот бил поактивен отколку денес), во хрониката На Сицилија објавена во 1886 година и интегрирана во делото Талкачки живот од 1890.
  • Во 1949 година островот бил искористен како сцена за филмот на Вилијам Дитерле, Вулкано, со италијанската актерка Ана Мањани во главната улога.
  • Последната битка во Battle Tendency, вториот дел од Чудната авантура на Џоџо ( манга и аниме) на Хирокиро Араки се одвива на вулканот на островот.
  • Еден астероид е посветен на островот, 4464 Вулкано. [9]

Види

Извори

  • Ezio Giunta, dir.. Vulcano. „Estateolie 2005*The Essential Guide (English version of Tourist Guidebook)“: 80–87. 
  • * J.-C. Tanguy et D. Decobecq, ''Dictionnaire des volcans'', Gisserot, Paris, 2009, p. 247-249.

Надворешни врски

„Вулкано“. Смитсонова установа. https://volcano.si.edu/world/volcano.cfm?vnum=0101-05%3D. посет. 18 декември 2008 г.  (англиски)

  1. Vulcano Island | island, Italy“, „Encyclopedia Britannica“. (на en)
  2. 2,0 2,1 „Global Volcanism Program | Vulcano“ (на en). volcano.si.edu. https://volcano.si.edu/volcano.cfm?vn=211050. посет. 27 декември 2017 г. 
  3. 3,0 3,1 3,2 English, Charlie. „Earth, winds and fire“, „The Guardian“, 1 февруари 2003. (на en-GB)
  4. (француски) Jacques-Marie Bardintzeff, Connaître et découvrir les volcans, Genève, Suisse, Liber, Шаблон:MONTHNAME sans erreur 1997, 209Шаблон:Nb p. , Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article199 
  5. „Vulcano, Italy“. volcano.oregonstate.edu. http://volcano.oregonstate.edu/oldroot/volcanoes/volc_images/europe_west_asia/vulcano.html. посет. 27 декември 2017 г. 
  6. Chemical mapping of a fumarolic field: La Fossa Crater, Vulcano Island (Aeolian Islands, Italy). „Geophysical Research Letters“ (AGU Publications) том  32. doi:10.1029/2005GL023207. Bibcode2005GeoRL..3213309A. http://onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1029/2005GL023207/full. посет. 27 септември 2016 г. 
  7. Strabo Geographica 1.2.10
  8. „CVO Menu - Volcanoes in Historical and Popular Culture“. Vulcan.wr.usgs.gov. http://vulcan.wr.usgs.gov/LivingWith/PopCulture/mythology.html. посет. 26 август 2013 г. 
  9. M.P.C. 26762 del 5 marzo 1996