Пелистер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пелистер - 2601 м
Молики во националниот парк Пелистер

Пелистер — највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2.601 м надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Македонија. Често името на врвот Пелистер, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Пелистер е воедно прогласен за национален парк во 1948 година, тој има вкупна површина од 17.150 хектари и географската положба на паркот е 40°57’ СГШ и 21°14’ ИГД[1]. Го опфаќа врвот Пелистер и се протега на падините на Баба Планина.

Потекло на името Пелистер

Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древномакедонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“. Кованицата бели+стени= белистени=пелистер е една од можните варијанти за потеклото на името Пелистер. Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел+истер= бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними, ороними и сл. од претсловенско, античко-венетскиот период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува - означува нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл. Колку за потсетување, старото име на реката Дунав е исто така Истер!

Географија

Шума на планината Баба

Националниот парк Пелистер се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 17.150 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно богатство во Македонија. Повторно е прогласен и неговата територија е зголемена за околу 6.500 ха со закон во декември 2007 година. Се карактеризира со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2601 m). Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.

Хидрографија

Од хидрографските објекти, со посебна природна привлечност се двете глацијални езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како „Горски Очи“.

Флора и Фауна

Дел од флората на Пелистер

Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Во вегетацијата на НП Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски, а 13 тревни заедници. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата - автохтон вид на петтоигличест бор со терцијарна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри.

НП Пелистер претставува класично наоѓалиште за повеќе од 20 растителни видови, од коишто 2 се локални ендемити. Од 'рбетниците се среќаваат: 10 видови водоземци, 15 влечуги, 91 вид птици и 35 видови цицачи. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).

Пелистерски ендемски видови

Фауна:

  • Salmo trutta peristericus (поточна пастрмка)
  • Salmo trutta pelagonicus (поточна пастрмка)
  • Iliodromus peristericus (остракоди)
  • Eucypris diebeli (остракоди)
  • Niphragus pancici peristericus (амфиподното ракче)-Големо Езеро
  • Arcticocampus macedonicus (харпактикоидното ракче)
  • Brachydesmus peristerensis (пелистерската стоногалка)
  • Alpaeus macedonica (тврдокрилните инсекти)
  • Cychrus attenuatus peristericus (тврдокрилните инсекти)
  • Duvaliotes peristericus (тврдокрилните инсекти)
  • Platyduvalius macedonicus (тврдокрилните инсекти)
  • Trechus hajeki (тврдокрилните инсекти)
  • Scythris crypta (мали пеперутки)
  • Scythris similis (мали пеперутки)
  • Hadena clara macedonica (ноќната пеперутка)

Флора:

  • Alchemilla peristerica (пелистерската небесна роса)
  • Sempervivum octopodes (еден од двата ендемски видови на пази куќа)
  • Jovibarba heuffelii var (еден од двата ендемски видови на пази куќа)
  • Crocus pelistericus (пелистерската качунка)
  • Festuca pelisterica (пелистерската власеника)

Галерија

Наводи

Надворешни врски