Сумер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сумер
Cities of Sumer mk.svg
Карта на поважните градови во Сумер.
Географски опфат Близок Исток, Среден Исток
Раздобје доцен неолит, средно бронзено време
Години 4500-1900 г. п.н.е.

Сумер или Сумерија (од акадското Шумеру; сумерски назив: ки-ен-ги(-р), клин. 𒆠𒂗𒄀) — првата светска цивилизација за која е потврдена писменоста и изградба на градови. Настанала во Месопотамија, односно долината на реките Тигар и Еуфрат (денешен Ирак). Потеклото на Сумерите не е потврдено, но се верува дека се доселиле од север и се помешале со затекнатото население.

Првите големи градови ги изградиле Сумерите во западниот дел на Месопотамија, што на грчки значи „меѓуречие“: се работи за една мошне плодна долина создадена со напластување на наносите што ги носеле реките Тигар и Еуфрат. Во својата земја, со сопствено име Киенгир или „земја на благородните господари“ Сумерите создале многу градови - држави. Во нив управувал владетел - свештеник, кој претставувал овоплотување на богот-заштитник, секоја држава имала свој владетел кој се сметал за вистински господар и владетел кому земјоделското население морало да му дава дел од жетватa. Почеста што му се укажувала на богот била ограничена на храмот околу ко се одвивал општествениот и економскиот живот: изградена среде населеното место, кулата на храмот (зигуратот) доминирала над градот и околната територија. Потребата да се забележи со знаци количеството на родот и делот што му припаѓа на богот , довела до создавање писмо; првите записи се однесуваат на количеството просо принесено во храмот, кое се сметало на глинени таблички и тие претставуваат најстари записи во светот. Религијата и писмото на сумерите биле прифатени и приспособени од Акадите кои, околу 2500 година п.н.е., се населиле на север. Мирниот соживот (а можеби и мешањето) меѓу двата народа во еден миг бил нарушен и Акадите воспоставиле превласт, создале голема империја која се одржала околу два века. Сумерските градови добиле извесна автономија и во следниот период ќе живеат раскошно под власта на третата династија Ур.

Главно занимање на Сумерците било земјоделството и сточарството. Живееле во колиби изградени од глина и трска. Граделе Иригациони системи, насипи и вештачки езера и рано ја усвоиле употребата на бакарот. Во втората половина на IV милениум пред н.е. веќе не ги убивале заробениците, се појавило ропството, првата писменост со таканареченото Клинесто писмо и се создала богата племенска аристократија. Кон преминот во III милениум пред н.е настанале и повеќе мали држави, кога биле изградени и царските гробници во околината на градот-држава Ур. Семејствата и селските општини значително се разликувале по своето богатство, а аристократијата располагала и до 300 хектари земја, која ја обработувале робовите и подоцна слободните зависни домашни селани.